08.09.11

20 години независна музичка сцена

Ни требаат нови херои!

На 8-ми септември, на централната државна прослава, на плоштадот Македонија во Скопје, кога Републиката ќе прославува 20 години од независноста, важен дел во програмата ќе бидат реномирани домашни естрадни ѕвезди и уметници – музичари, кои со своето присуство ќе го дадат потребниот придонес во церемонијата.

Тие, како и многу колеги од музичката фела, 20-от роденден на Републиката ќе го дочекаат без нивниот статус во општеството, и статусот на нивната работа, да го има она ниво, како што го имаат музичарите во поголемиот дел од Европската Унија, кон која тежнееме...

Се сеќавам на 8-ми септември 1991-ва, кога Македонија ја славеше својата независност. Плоштадот во Скопје беше преполн и имав чувство дека се дојдени луѓето од целата земја. Од Куманово до Гевгелија, од Тетово, Гостивар, Дебар, Струга и Охрид до Крива Паланка, Делчево, Струмица... Се славеше и се пееше. На македонски. Државата конечно стана своја на своето.

Таа пролет една Ластовица слета на невидливите фреквенции на домашните радио-станици. Се потпевнуваа Пушење, Корпичка, Ќути живти се... Латентна еротика во текстовите. Во тоа време ја запознавме и Ена Веко, а Дарио разбиваше со песните од своето соло-првенче Бактерија.

Првиот апла андерграунд хит (Вчера купив) Мебел го имаше Дарко Мијалковски. Песната беше надвор од радио-системот, а ја знаеа сите. Ја добиваа преку тајните канали... Тука беа и Меморија, Игор Џамбазов со Хавана бенд, сестрите Тања и Лидија Кочовски, Тања Станковиќ, па Ристо Бомбата и Кучешка тенија, Нулта позитив... Трите последни имиња беа одличен камен-темелник за Студени нозе.
 
Паралелно се развиваше и рок-сцената. Леб и сол се вратија од Њујорк и го наполнија сајмиште. Архангел снимија одличен втор албум, Мизар беа култни, иако престанаа да функционираат. Се родија Санаториум, Клержо, Ареа, Ласт експедишн, Никеја, Водолија, Рок Агресори...



Актуелни беа и Легенда од Тетово и скопските Октавијан. Зијан од Гевгелија снимија албум Низводно со веќе култната Пушти коси, а по долга пауза со албум се вратија и Морал. Музиката од филмот Пред дождот, ремек-дело на групата Анастасија беше објавена во Франција, за цел свет. Започна да функционира проектот на Драган Даутовски со групата Синтезис, потоа настана Квартетот на Даутовски. Вистински македонски музички амбасадори и репрезенти.



Е, какви макфестовски изданија се паметат во тие први години на македонска независност. Олгица Христовска ја испеа Свирете ја Зајди, зајди, Ристо Самарџиев – Таму кај што си и Песна за љубовта, а Владо Јаневски Еден бакнеж.

Претходно, по разделбата со Роберт Саздов во Ластовица ја  започна својата соло-кариера. Се распаднаа Леб и сол, а сите членови на бендот снимија соло-албуми.

Кон крајот на 90-тите започна нова ренесанса, со Ребека, Нокаут, Магија, Принц..., и еден куп интересни имиња кои снимаа во студиото на Дарко Димитров, еден од најзначајните композитори од помладата генерација, не само во Македонија, туку и во регионот.

Денес на ЈуТјуб пишува дека со спотот на Ребека за песната Обиди се започна видео-револуцијата во Македонија. И навистина е така! Кој можеше да ја запре младоста и убавината?! Потоа дојдоа Маја Вукиќевиќ, Маја Панчева, Искра Трпева, Верица Пандиловска, Александар Митевски, Ѓорги Крстевски, Ерзана...



Кон крајот на прошлиот милениум на музичката сцена зачекори Тоше Проески. И стана недостижен! Од Швајцарија се врати Калиопи, една од најсветлите ѕвезди на домашната музичка сцена.

Тука беа и Каролина, Врчак, Брејк, Куку Леле, Нон-стоп, Дуле и Коки, Ѓорги Крстевски, Јован Јованов... Сцената стана голема, се снимаа скапи спотови, се патуваше во Белград и во Загреб, по целиот Балкан...

Урнебесно крикнаа Суперхикс, и станаа вистинска атракција. Македонските албуми, на македонски јазик почнаа да се појавуваат на музичките пазари во регионот. М2 продукција започна да лансира нови ѕвезди: Елена Ристеска, Ламбе, Бојана, Александра Пилева, Туна...



Тоше ги надмина локалните рамки, стана балканска ѕвезда, и веројатно ќе станеше големо светско име, да не се случеше трагичната сообраќајка на 16-ти октомври 2007-ма. Потоа како ништо да не беше исто.

Не дека немаше нова музика, нови лица... Безобразни рими на Слаткаристика, Тони Зен, Џака Накот, Токсикологија и Легијата,  беа откровение за новите генерации. Тие не ги запознале Ластовица, Ристо Бомбата, Студени нозе...



Паралелно со естрадната сцена се раѓаа и еден куп авангардни состави, снимаа албуми, беа популарни... Паркети, Стринг форсис, САФ, Д.Н.О., Т.Б. Трачери, Фолтин, Беј д фиш, Бернајс пропаганда... се само некои од имињата кои значат и вон границите на Македонија. Исто како и Кирил Џајковски, чија ѕвезда на алтернативното силно сјае цела деценија...

Исто како што сјаат и Браќата Тавитјан, Баклава, Љубојна, Монистра, Чалгија саунд систем... Бескрајна убавина блеска и во музиката на Златко Ориѓански, Васко и Венко Серафимови и Никола Коџабашија...

Да не се заборават ниту Тамара, Мартин Вучиќ, ДНК, Некст тајм, Ѓоко Танески, Ева, Влатко Илиевски, Влатко Лозаноски, Дани, Александар Белов... Можеби некој е ненамерно изоставен. Нека прости...



Едно од прашањата кое се наметнува во моментите кога некои работи се резимираат, е дали новите ѕвезди ќе ја имаат силата да го надминат успехот на имињата кои ги наследија, или ни требаат нови херои?! Ќе покаже времето...

Овој пат не зборуваме за сплетки и за скандали, за Евровизија и местенки. Ги оставаме за друг пат. Македонија празнува. И, како што одамна испеа хрватската пејачка Габи Новак – Ги паметам само среќните денови...

Еден голем македонски музичар, деновиве, во неофицијален муабет по повод празникот, ми кажа: Будалаштини кои се актуелни во жолтиот печат, воопшто не ме занимаат. Блескавите македонски музички моменти во изминативе 20 години, секој од нас ги има доживеано на свој начин, живејќи во сознанието за уметничките вредности кои се изродија во тој период. И да ги живееме и во сите години кои доаѓаат, бидејќи се друго е глупост и предмет на раздор – човечки, уметнички и национален...



Градејќи ја својата кариера, преку музиката и јазикот македонски, македонските музичари ја градеа и секоја минута од нашата независност, веќе 20 години. И сега, на 8-ми септември некои ќе бидат дел од централната манифестација, во чест на државата.

Во колкава мера, пак, државата, на патот кон Европската Унија, придонесе музичарите да се чувствуваат европски е друго прашање. Пиратеријата одамна ја лапна и онака скромната дискографска сцена, законот за заштита на авторските права не се применува, тантиемите се бедни, а од балканските пејачи нашите не можат да дојдат на ред ниту на радијата во сопствената земја...

Нашата музика има голем потенцијал, единствено треба некој сериозно да започне да ги води работиве. За да следниот јубилеј го прославиме без вакви и слични проблеми!

ппеземено од www.mmm.com.mk

Иван Беќковиќ
Tea модерна

 

 

 

 





 

Здружение на автори на музички дела на Република Македонија - ШПАТО
Author's music work Society of Republic of Macedonia - SPATO
Скопје, ул.Градиште бр.14 (локал 116, на кат), тел. 070401232 e-mail: shpato@shpato.mk

ж.с. 200001030821126 Стопанска банка АД - Скопје Д.Б. 4030004513879