17.09.11

Дамир Имери со концерт посветен на Симон Трпчески

Нашиот композитор и музичар Дамир Имери му посвети свој концерт за пијано и оркестар инспириран од македонскиот фолклор на Симон Трпчески.

На почетокот од идната година, меѓународните концертни дестинации на кои блеска нашиот пијанист од светски глас Симон Трпчески, ќе значат и место за промоција на најновото дело на македонската музичка литература. Нашиот композитор Дамир Имери го напиша Концертот за пијано и оркестар, чиј  дел (прв став) Фантазија на две фолклорни теми, веќе од јануари 2012 година ќе зазвучи на престижните сцени во светот.

За соработката што резултираше со посвета од композиторот на делото на неговиот изведувач, двајцата главни протагонисти ни ги дадоа следниве изјави:

Дамир Имери: Огромно е моето задоволство за соработката со Симон во врска со моето дело. Тој воедно беше и директна инспирација за воопшто и да го напишам. Имено, јас, како и многумина од Македонија кои се занимаваат со уметност, сум воодушевен од работата на Симон, од прогресот што тој го направи во пијанизмот, од неговиот успех во светот, од самиот негов квалитет, како човек пред се’, но и пијанист,  а сега и соработник.

Искрено, големо е задоволството... двајцата бевме инспирирани да направиме нешто што ќе биде одраз и на ова подрачје. Се согласивме дека во таа насока треба да искористам фолклорни мотиви од ова поднебје. Се одлучивме за неколку теми кои слушателите од Македонија, па и Балканот сигурно ќе ги препознаат, а верувам дека тие ќе прозвучат свежо и дека слушателите од целиот свет каде што Симон ќе го изведува ова дело ќе уживаат во фолклорот на земјава, но и во тоа што го направивме со Симон.

Имено, веќе се закажани концерти по целиот свет. Би сакал заедно со Симон да присуствувам барем на првиот. Тоа би било навистина големо доживување, бидејќи не е така често некоја композиција од овој вид да се изведува на такви сцени во светот и искрено многу, многу големо задоволство делиме и јас и Симон за ова.

Симон Трпчески: Многумина веројатно ќе се најдат изненадени што Дамир Имери напиша класично музичко дело. Но тие што го познаваат добро, знаат што всушност тој човек поседува во себе. Од друга страна, не е воопшто чудно што неговиот син Дино Имери е фантастичен талент и водечка фигура во помладата пијанистичка генерација во Македонија.

Почестен сум што се создаде Концерт за пијано и оркестар што ми е посветен мене. Секое ново дело е како новороденче и убаво е чувството кога човек искрено му се радува. Тоа доаѓа сосема природно. Јас сум уште и посреќен за ова дело од причина што во него има многу содржина која е на некој начин и мултидимензионална – дело кое во сржта е старо-македонско, заради обработката на 3 прекрасни македонски песни (од кои едната е омилена во моето семејство) и едно оро, а музичкиот јазик на кој е напишано - е современ. Промоцијата на нашата музика, а истовремено преку неа и поезијата и историјата, е од непроценливо значење. Мислам дека овој концерт ќе има историско значење за македонската музичка литература и е, по мое мислење, прв од таков тип кој достигнува исклучително високо ниво, и музички и технички, создаден кај нас.

И јас донекаде бев изненаден од фантазијата на Дамир. Неговиот квалитет се наѕираше уште од почетокот на создавањето кога јас бев трогнат од изборот на една од обработените песни. Понатамошната соработка и размена на идеи со Дамир за кратко време вроди со многу
вкусен плод. 

Многу сум горд што сосема брзо по завршувањето на композицијата, првиот став од овој концерт што во моменталната варијанта се нарекува
Фантазија на две фолклорни теми, ќе се изведе дури 6 пати во првата половина на 2012 година и тоа на три континенти: во Загреб, Сиетл, Пекинг, Гвангжу и Познањ, а светската премиера ќе ја доживее во Ставангер, Норвешка во јануари. Сево ова е уште еден показател за вредноста на ова дело и препознавањето на неговиот квалитет од страна на странските оркестри.

Му благодарам на Дамир и му посакувам ваквите успеси да му се множат и Македонија да се гордее со него.

 

преземено од www.mmm.com.mk





 

Здружение на автори на музички дела на Република Македонија - ШПАТО
Author's music work Society of Republic of Macedonia - SPATO
Скопје, ул.Градиште бр.14 (локал 116, на кат), тел. 070401232 e-mail: shpato@shpato.mk

ж.с. 200001030821126 Стопанска банка АД - Скопје Д.Б. 4030004513879