23.09.10

Дарко Тасев: Приказна за Канада

Уживав во концертот на Бон Џови

На покана од едно приватно музичко училиште, македонскиот музичар Дарко Тасев, еден од најважните домашни автори од помладата генерација, дел од летото го мина во Канада, каде младите Канаѓани ги запознаваше со тајните на гитарата.

Сепак, посетата на Канада, која пред сa беше приватна, Тасев најмногу ја искористил за дружење со својот стар пријател Давор Јордановски, познат музичар кој десетина години живее во оваа прекрасна земја... Секако, со Тасев зборувавме и за други нешта - разочараноста од Евровизија, песните за актуелниот Макфест, времето кога беше дел од групите Октавијан и Нон-Стоп и неговото музичко училиште, едно од најреномираните во Македонија...

Пријателството со Давор Јордановски беше главната причина за твојот двомесечен престој во Канада ова лето. Со Давор те врзува долгогодошно пријателство и дружење. Заедно членувавте во Октавијан, а соработката продолжи и откако тој замина од Македонија...

Со Давор сме другари отсекогаш. Затоа и се решив да одам кај него, бидејќи со години ја поместував посетата. Претходно, се дружевме уште од времето кога и двајцата бевме петто оделение. Тој тогаш се врати од Либија, и го сместија во мојот клас. Од тогаш сме најдобри другари. Нашата музичка кариера започна уште во училишниот оркестар, каде тој свиреше хармоника, а јас - акустична гитара, а по секоја од приредбите, по формалниот дел, јас преминував на електрична гитара, а Давор на синтисајзер. Бевме привилегирани, па од О.У. Едвард Кардељ, каде што учевме, имавме клучеви, за да во деновите на викендот можеме да вежбаме. Долго време функциониравме без име, а главната цел ни беше да настапиме на Рок-фест. Едно време свиревме во скривница во зграда кај мене, а подоцна станавме дел од две различни групи. Јас бев во Октавијан, а Давор имаше свој бенд. Потоа еден период тој настапуваше со нас. Во 2000-та замина за Канада...



Но, вашата соработка и тогаш продолжи...

Секако, контактиравме преку интернет, телефон... Јас често бев ангажиран на проектите кои тој ги снимаше за канадските музичари, и обратно, Давор е често присутен во песните, кои јас ги работам за македонската естрада. Постојано сме во контакт, ако не секој ден, тогаш на два дена. Во еден паб во Торонто се случи интересен настан - се гледаме, и јас му велам: Што да ти раскажувам, веќе се знаеш...” (се смее).

Какво искуство за тебе беше Канада?

Како да си паднат од Марс! Прилично шетав по Европа, но Канада е сосема поинаква приказна. Иако е млада држава, која годинава го прославуваше јубилејот - 143 години од своето постоење, таму се знае редот. Всушност, имам чувство дека таму се собрани најдобрите искуства од целиот свет. На вестите најмногу се зборува за тоа какво ќе биде времето, и колкава е влажноста на воздухот. Таму забележав дека луѓето имаат многу трпение еден кон друг. И да не знаеш добро англиски, секој ќе те ислуша, ќе се обиде да ти помогне... Единствена мана е што таму не можеш да најдеш мана. (се смее)



Колку си бил туристички активен?

Прилично прошетавме. Два пати бевме на Нијагара, во Квебек Сити, во Монтреал, градот кој организира еден од најдобрите џез-фестивали во светот. Во време кога бевме во Монтреал, имаше фестивал на смеењето, три дена по 24 часа... Отава не ми остави некој посебен впечаток, со исклучок на таканаречениот парламент-замок, каде престојуваат претседателите од други земји, кога ја посетуваат Канада. Нијагара е огромна, фасцинантна, но мене тоа не ми беше многу важно, повеќе ме импресионираа други нешта... Најпосле, некои делови на Канада потсетуваат на Европа, некои на Америка...



Освен Австралија, Канада исто така важи за држава во која има многу Македонци. Таму живее и легендарниот македонски музичар Мики Петковски...

Со Мики се дружевме речиси секој ден. Заедно гледавме СП во фудбал, бевме кај него во викендичка... Иако одамна не бил во Македонија, Давор го натера да почне да размислува за повторна средба со Татковината. Единственото нешто од што се плаши Мики е дека кога еднаш ќе се врати дома, тешко ќе му биде повторно да замине од тука...

Една од причините зошто дел од летото си го минал во Канада е покана од едно приватно музичко училиште, две недели таму да бидеш професор и да ги запознаваш младите Канаѓани со тајните на гитарата. Какво искуство беше тоа за тебе, со оглед дека твоето музичко училиште во Скопје важи за мошне респектирано!

Им предавав на две групи - помали и постари деца. Дефинитивно - нашите деца знаат повеќе. За разлика од децата во Македонија, кои постојано бараат нешто ново, таму за една училишна година научија одвај пет песни. Тоа мене ми е необјасниво. Излегува дека ним им треба повеќе време да ги сфатат финтите. Сепак, и за кусо време успеав многу да ги научам, па дури и нивните родители сакаа да се запознаат со мене, и беа заинтересирани дали ќе продолжам да работам во таа школа.



Престојот во Канада го искористи и да го гледаш концертот на Бон Џови, една од твоите омилени групи...

Уште пред да заминам, активно следев кој сe во тој период ќе има концерт во Канада. Бон Џови ги гледавме на нивниот втор концерт во Торонто на 21 јули, бидејќи ден претходно концертот целосно беше распродаден. Една од моите големи желби во животот беше токму концертот на Бон Џови, па не можев да исчекам да дојде тој 21 јули. Концертот се одржа во престижниот Роџерс центар, а во два дена имаше 120.000 публика, по 60.000 на секој концерт. Тоа е неверојатен успех, особено ако се знае дека тие денови во Торонто настапија и Аеросмит, Марун фајв, Пол Макартни... Штета што У2 ја откажаа турнејата, и нив ќе ги гледавме. Најпосле, Бон Џови ги оправдаа моите очекувања. Триесет години песните ги свират на ист начин, а публиката токму тоа го бара. Имам чувство дека Ричи Самбора не смее да го смени своето соло, бидејќи ќе има реакции, па со мали преправки главно го свири истото...



Колку концертите во странство се поразлични од оние кои се случуваат во Македонија?

Таму е сe грандиозно, па е недопустлив каков било кикс. За разлика  од кај нас, каде условите диктираат што сe ќе има на бина. А, кога немаме услови за голема бина, тогаш и озвучувањето е помало, и целата продукција е многу поскромна. Конкретно, на концертот на Бон Џови, озвучувањето беше феноменално, а видеобимот огромен. Освен нив, Кид Рок, кој настапи како предгрупа, направи исто така одлично шоу.

Бидејќи важиш за страстен гитарист, се поднови ли во Канада со некоја нова гитара?

Една од првите работи што ги направив во Канада беше посета на една голема продавница за музички инструменти. Уште на стартот толку бев фасциниран од она што го видов, што веднаш одбрав четири гитари кои сакав да ги купам. Но, бидејќи таму секоја гитара можеш да ја земеш во рацете и да засвириш на неа, списокот многу брзо го сведов на една, за на крај да не ја купам ни неа. Едноставно, ги пробав сите гитари кои нешто ми значеа во животот, за на крај да загубам желба која било да ја имам во своја колекција. Купив само 10 трзалици и еден комплет жици за гитара. (се смее) Имам премногу гитари, па овој пат решив да се вратам дома со празни раце. Не велам дека завршив со купување гитари, бидејќи секое влегување во продавница за музички инструменти за музичарите е како посета на Дизниленд - адреналин кренат до стотка. Сепак... Предноста која ја имаат музичарите во Канада во однос на нас тука, е што можат да го рентаат инструментот. Другите, пак, татини и мамини синови, секогаш бараат звучно име и даваат многу пари за инструмент.



Што најмногу те фасцинирало во Канада?

Нивниот живот, фактот дека сe функционира беспрекорно. Иако сите се заглавени во кредити, луѓето се сосема кул. Работат и заработуваат, никој не кука за пари и слично. За тие два месеци не опцув ниту еднаш...

Периодов беше ангажиран околу песните за Макфест...

На покана на уметничкиот раководител Кристијан Габроски направив неколку аранжмани, а како автор се потпишувам на една од песните. Додека бев во Канада направив аранжман за песната Ќе направам магија, со која Ѓоко Танески победи на Поп-вечерта на Охрид-фест.

Кога сме кај Ѓоко Танески, иако го направи аранжманот за евровизиската Јас ја имам силата, не беше дел од тимот кој замина на Евросонг во Осло, и тоа заради традиционалниот македонски проблем - немање пари. Жалиш ли заради тоа?

По неколку состаноци во МРТВ сфатив дека ако самиот не си ги покријам трошоците за патувањето, нема да одам на Евровизија. Дури, на почетокот беше актуелен ставот дека авторите нема потреба да одат. Затоа, времето не го трошев за џабе. Се подготвував за Канада, а бев ангажиран и околу подготовките за концертот на Влатко Илиевски, кој помина успешно. И, добро е што навреме се одлепив од таа работа. Ми беше доста од нервози, и којзнае дали воопшто некогаш ќе бидам дел од тој избор?!



Твоето музичко училиште деновиве ја стартуваше новата учебна година. Иако важиш за одличен гитарист, кој знаењето знае да го пренесе на помладите, во исто време си и нивен пријател и нивен авторитет, што е прилично тешко да се спои. Како ти успеа?

По природа сум човек кој пријателски се однесува кон сите. Затоа веројатно ја имам добрата комуникација со моите ученици. Часовите не ми се сведуваат на строг однос професор - ученик, туку кога работиме - работиме, а кога сме другари - другаруваме. Не можам да се правам лош или строг, кога не сум таков. Мило ми е што некои мои ученици веќе формираат свои групи и ги постигнуваат првите успеси. Сами си го пронаоѓаат својот пат, и тоа е супер.

Со кој дел од својата досегашна кариера најмногу се гордееш?

Периодот на Октавијан ми остана во многу убаво сеќавање, бидејќи свиревме исклучиво во живо. Дел од озвучувањето го носев јас, со стокецот од татко ми, а остатокот тапанарот Пирин со друга кола и приколка. Озвучувањето беше на Јапан, кој тогаш пееше со нас...

Од тоа време остана голем хит на Октавијан, кој остана до ден-денес. Се работи за песната Голи во коли...

Тоа беше наменски направена песна, која иако штрчи, испадна наш најголем хит.

А, во какво сеќавање ти остана периодот на Нон-Стоп?

Со Нон-Стоп веќе беше друг, позрел период во мојата акриера. Претходно веќе почнав да компонирам песни, па на албумот на Нон-Стоп сум автор на повеќето  композиции. Веќе знаев многу работи за компонирање, снимање и продукција, и се беше многу полесно. Некако се сложија коцкичките. Имавме одличен албум и концерт во Универзална. Во 2001 година во Македонија имаше војна, па особено на странските телевизии им беше интересно тоа како функционира еден македонско-албански двоец. А јас и Бени бевме сосема аполитични. Единствено ни пречеше воената психоза и тоа што не можеме секаде да имаме концерт. Без оглед на се, и од настапите во Тетово и во Струмица носиме прекрасни впечатоци!

Ти недостасува ли работа во бенд?

Сакам да свирам, но заради моето музичко училиште и работа со деца, немам многу време за настапи. Затоа и не ме интересираат свирки во кафулиња и клубови. Ги сакам големите концерти, како оној на Влатко Илиевски во арената Борис Трајковски, или концертот на Ѓорѓи Крстевски, пред неколку години во Универзална. Со Влатко Илиевски имаме во план да направиме помал бенд, кој ќе настапува низ Македонија, но не во кафулиња, туку во поголеми простори. Сепак, најголем предизвик ми е моето музичко училиште...

Иван Беќковиќ
Tea модерна

преземено од www.mmm.com.mk





 

Здружение на автори на музички дела на Република Македонија - ШПАТО
Author's music work Society of Republic of Macedonia - SPATO
Скопје, ул.Градиште бр.14 (локал 116, на кат), тел. 070401232 e-mail: shpato@shpato.mk

ж.с. 200001030821126 Стопанска банка АД - Скопје Д.Б. 4030004513879