08.10.10

Интернационален успех

Кирил на World Music Expo

Литиум рекордс јавуваат дека Кирил Џајковски ќе го има свој настап на WOMEX во DR Koncerthauset. WOMEX (World Music Expo) е интернационален музички проект базиран во Берлин, чиј главен настан се одржува еднаш годишно на различни локации ширум Европа патувајќи од 1994 преку Берлин (1994), Брисел (1995), Mарсеј (1997), Стокхолм (1998), Берлин (1999 + 2000), Ротердам (2001), Есен (2002 + 2004), Њукасл (2005), Севиља (2003 + 2006 - 2008) до Копенхаген (2009).

Содржи саем, конференции, настапи, награди. 2009-2011 Womex се одржува во Копенхаген, Данска, во партнерство со WorldMusicFair Copenhagen, Copenhagen JazzFestival и туристичката организација Wonderfull Copenhagen. Првото издание на Womex во 1994 година е покренато од претседателот Кристоф Борковски.

Секоја година Womex доделува награди за артисти и професионалци за нивни достигнувања во интернационалната музичка индустрија. Од 2006 година во координација со World Music Charts Europe се презентираат три Top Label Awards.

Веќе втора година, DR Koncerthauset е домаќин на WOMEX Night Showcases. Високиот звучен квалитет остави голем впечаток кај минатогодишните учесници кои настапија во Jean Nouvel Building, во која ќе бидат сместени сите 4 сцени под еден покрив. Оваа новодизајнирана градба е приспособена за концерти за класична музика. Спектакуларната градба ја доби наградата Wallpaper Design Award 2010. Showcase Festival e музичкиот дел од Womex и се одржува во Koncerthauset. Секоја вечер на овој дел од Womex – Showcase Festival, се презентираат повеќе од 40 артисти од целиот свет.

Кирил Џајковски е македонски композитор и продуцент, кој важи за еден од пионерите на Македонската електро сцена и познат како најуспешен артист во електронската музика од балканскиот регион.

Комбинацијата на електроника и македонски етно влијанија во неговата музика датира уште од раните 90-ти , а неговите изданија имаат добивано фантастични рецензии во целиот свет. Голем број од неговите синглови се дел од светски компилации и биле ремиксувани од артисти како  Bushwacka, Dreadzone, Danny Briottet (Renegade Soundwave), Nathan Coles и многу други.

Кирил настапува во живо заедно со 10-член бенд и во последните 3 години настапувал на главните сцени на најголемите музички фестивали на Балканот (Exit, InMusic Festival, Greenfest, Urbanfest и т.н.). Кирил е исто така и признат и наградуван композитор на филмска и театарска музика.

Новиот албум на Кирил,кој се очекува да се појави во 2011, повторно e еклектичен и софистициран микс од breakbeat/dub/electro ритмови со македонски етно елементи, надополнет овојпат со група извонредни интернационални вокални гости.

Првиот сингл од албумот е соработка со пејачот од Велика Британија, MC Ras Tweed (Kruder & Dorfmeister, Rockers Hi-FI, Overproof Soundsystem), ветеран на Европската даб-електро сцена, и легендарниот македонски вокал на Есма Реџепова, кралицата на ромската музика во светот.

Кирил ќе настапи како дел Official Showcase Festival на овогодинешниот Womex во Копенхаген, Данска, во Концертната Хала на 30-ти Октомври.

Овој настап претставува специјален DJ/Live Act перформанс каде Кирил ќе биде придружуван од Серџук Алимов на труба, маестрото на виолина Владимир Крстев и експлозивниот вокал на MC Ras Tweed.

преземено од www.mmm.co.mk





 

Здружение на автори на музички дела на Република Македонија - ШПАТО
Author's music work Society of Republic of Macedonia - SPATO
Скопје, ул.Градиште бр.14 (локал 116, на кат), тел. 070401232 e-mail: shpato@shpato.mk

ж.с. 200001030821126 Стопанска банка АД - Скопје Д.Б. 4030004513879